МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ШВАЈЦАРИЈА

ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА, МАКЕДОНЦИТЕ ВО ШВАЈЦАРИЈА ГО СМЕТААТ ЗА НИШТОЖЕН И НЕВАЖЕЧКИ!

Организацијата “Македонска дијаспора“ од Лозана, Организацијата “Александар Македонски“ од Ивердон, Асоцијацијата РЕФРАМА од Женева, Унијата на македонските училишта во Швајцарија упатија соопштение во врска со Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кое го пренесуваме во целост.

Македонците од Швајцарија, како нераскинлив дел од Македонскиот народ, изразуваат голема загриженост за најавеното склучување на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, како и негативните последици по унитарноста и државноста на Македонија, за името на државата и идентитетот на нацијата!

Македонците во светот, ја уживаат довербата и поддршката во земјите каде престојува, преку помагање и создавање на услови во промоцијата, развивањето и негувањето на македонскиот јазик, култура и традиција. На различни начини овие земји го прифаќаат и го одобруваат овој позитивен тренд, бидејќи придонесува за подобра интеграција и асимилација во нивните општества. За нив е богатство и гордост да се има националности од целиот свет, што покрај социјалната ја збогатува и економската поврзаност и развој. Само во градот Женева има околу 190 различни афирмирани националности.

Поаѓајќи од ваквата светска реалност, како и принципите на Повелбата на Обединетите нации и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа, а имајќи ги во предвид развивањето на добрососедски односи засновани на рамноправни и еднакви основи, здруженијата на македонските организации во Швајцарија, го отфрлаат нацрт-Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, поради повеќе причини:

И покрај убаво изнесените принципи на засновање на добрососедските односи, тој во суштина го прави токму спротивното, и го искажува лицемерниот однос на една од странките потписнички во однос на Македонскиот народ, јазик и идентитет (членот 11, ставовите 4, 5 и 6).

Во ниту еден дел од договорот не станува збор за Македонски јазик, Македонски народ и Македонски идентитет, туку се зборува за македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Македонија, што само создава дополнителна негативна осуда и омаложување на Македонскиот народ.

Macedonians in Switzerland

Ако го ставиме тој дел во контекс со принципите и Повелбата на ООН како и реалната политичка слика на односите меѓу државите, ќе се види дека вакви договори не постојат, а универзалноста и вообичаената дипломатска практика треба да се применува и за Македонија, што не е таков случај.

Со самото откажување на правата и афирмацијата на македонското малцинство во Бугарија, новата македонска влада отвора простор и за други вакви недоречности и негација на Македонците насекаде во светот, што нормално се коси со сите светски меѓународни норми. Дали и Македонците во Швајцарија и Европа ќе треба да ја очекуваат ваквата судбина од страна на својата држава Македонија?

Секако загрижуваат и ставовите изнесени во членот 8 став 3 во однос на заедничките чествувања на одредени историски личности и настани со кој се стреми да се докаже заедничката историја на двете држави, а со тоа и менување на целокупната македонска национална историја поврзана со тоа прашање. Овој дел е од посебно негативно значење, бидејќи се остава на политичарите да го кројат минатото, што секако е небулозно и спротивно на сите досегашни историски факти и документи кои стојат на располагање во разни светски историски архиви, библиотеки и музеи.

Во овој дел би додале дека е можно да се напредува во позитивна смисла, но под услов на заемно признавање и чин на извинување од страна на Бугарија за сите негативни дејствија во минатото на територијата на Македонија, како примерот на Германија со Франција и другите европски народи.

Значи, признавање на геноцидот на Евреите од Македонија, кои се “истребени“ речиси 98% од нацистичката Бугарија за време на окупацијата на Македонија во Втората Светска Војна. На тоа треба да се додаде извинување за ѕверските немили настани кои Бугарија ги нанела на Македонија. Со тоа извинување би се свртела една страница во историјата и би се тргнало кон заедничка иднина во Европската Унија и НАТО.

Чинот на извинувањето меѓу Франција и Германија им овозможи на овие две големи европски држави, да го заборават минатото и да почнат да градат нови пријателски односи, како и да ги создадат темелите за нов напредок изразен преку креирањето на Европската Унија.

Поради сите наведени и други причини, и покрај добрата волја за градење на позитивна клима со соседна Бугарија, ние Македонците од споменативе здруженија во Швајцарија, се оградуваме од овој договор и го сметаме за ништожен и невалиден, бидејќи е спротивен на нашите европски сфаќања и принципи на добрососедство, и взаемно почитување меѓу народите, – се вели на крајот од соопштението на овие четири организации на Македонците во Швајцарија.

By | 2017-08-02T03:59:38+10:00 August 2nd, 2017|News by Todor Petrov|Comments Off on МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ШВАЈЦАРИЈА