Македонија одбележува 115 години од убиството на идеологот, организатор и водач на македонското револуционерно и национално-ослободително движење, Гоце Делчев.
Одбележувањето започна со панихида на гробот на македонскиот револуционер во црквата “Свети Спас” во Скопје на која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Ахриепископија Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски со свештенослужители од Скопската Епархија.
Цвеќе на гробот положија делегации на: Владата предводена од премиерот Зоран Заев, Собранието, кабинетот на претседателот на Републиката, Градот Скопје, Матицата на иселениците од Македонија, Светскиот Македонски Конгрес, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Сојузот на Македонците со исламска религија, како и повеќе други здруженија, училишта и установи.
Во името на Светскиот Македонски Конгрес свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положи претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.
Овој ден е голем, но истовремено и тажен за историјата на Македонија. Гоце Делчев со неговото дело и револуционерна дејност остави траен печат во македонската историја. Тој е еден од основоположниците од Македонската револуционерна организација. Делчев бил основач на четничкиот институт на организацијата, бил еден од главните ревизори на четите, човек кој го уредил четничкиот институт на Македонската револуционерна организација.
Дел од македонските историчари сметаат дека се работи за предавство. Мистерија останува кој навистина го предал Делчев.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 во Кукуш, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Македонската револуционерна организација. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО одржан во 1896, а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
Делчев е убиен на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер, во борби со османлиската војска која го опколила селото, во предвечерието на Илинденското востание. Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови, од 2 до 7 мај 1903 година, се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев.
Делчев сметал дека се’ уште не се созреани политичките услови за кревање востание, кое сепак се случило на Илинден, три месеци подоцна.
Неговите посмртни останки прво се чувале во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Посмртните останки на Делчев на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата “Свети Спас“ каде и денес се наоѓаат.