Пишува Тодор ПЕТРОВ –
Ја паметиме Тројанската војна која траела десет години, некаде меѓу 13 век п.н.е. до 12 век п.н.е. поради грабнувањето на Елена, сопруга на спартанскиот крал Менелај, брат на микенскиот крал Агамемнон, во која бил вљубен тројанскиот принц Парис, син на тројанскиот крал Пријам и неговата втора жена Хекаба. Данајците ја уништиле Троја со Тројанскиот дрвен коњ. Тоа е така добро опишано во Хомеровата Илијада. Затоа и поуката: Не верувајте им на Данајците, дури и кога дарови ви дават.
Нашиве стари велат, кога ќе најдиш овци за стрижење, удри со ножичките. Така и со нашиве. Прости, прости, та неподносливи од простотија.
Но, да се вратиме на темата за името. Нашите, пресреќни дека Атина ни дарила име на држава, име на народ и име на јазик. Но, не верувајте им на Данајците и кога дарови ви дават. И не случајно Спогодбата е потпишана само на англиски јазик, затоа што е двосмислен јазик, исти зборови имаат различно толкување во различен контекст, во Англискиот јазик нема падежи, нема родови, исти зборови истовремено се и именки и придавки… Ако не ја прочитате реченицата, нема да знаете за кого дејствието се однесува или што авторот сакал да каже. За разлика од Македонскиот јазик кој е слоговен и мисловен, секој збор има значење, има јасна разлика меѓу именка и придавка, точно се знае како се изведува придавката од именката и кој е родот на она за што се зборува…
На пример, зборот “Macedonian“ во Англискиот јазик истовремено е и именка и придавка, ние го преведуваме и како придавка “Македонски“ и како именка “Македонец“. Во Англискиот јазик нема да знаете дали станува збор за именка или за придавка се’ додека не ја прочитате реченицата. Само едно кусо резиме. До новите биометриски лични исправи – лични карти, пасоши, возачки дозволи итн. – во графата “државјанство/nationality“ пишуваше “Република Македонија“ или “Republic of Macedonia“. Албанската заедница не сакаше да стои “македонско/Macedonian“ затоа што “Macedonian“ на Англиски јазик значи и “Македонец“. Откога се донесоа биометрските лични исправи, во графата “државјанство/nationality“ на сите граѓани, независно од етничкото потекло, им пишува “македонско/Macedonian“. Иронијата да биде поголема, никој не се побуни, затоа што тоа е меѓународен стандард по меѓународното право. Никој во светот не ве прашува за вашето етничко потекло, туку националноста ви ја определува по автоматизам од името на државата впишано на насловната страница од вашиот пасош. И на етничките Македонци во Албанија во личните исправи во Албанија, во графата “државјанство/nationality“ им пишува “Albanian“.
Кај нас, се отвори полемика во јавноста, како ќе се преведе името на нашата држава од Англискиот јазик на кој е потпишана Спогодбата Димитров-Коѕиас, воопшто не третирајќи го прашањето за националноста којашто произлегува од новото име на државата! За “Republic of North Macedonia“ коментарите беа дека името на државата е “Република Северно од Македонија“. Демек, Македонија е долу во Грција, а ние сме држава на север од Македонија дури без име, или “Република Северно од Македонија“. Се разбира ова не е точно. И “Republic of Macedonia“ и “Republic of Northern Macedonia“ ние ќе ја преведеме како “Република Северна Македонија“.
Друга е замката која Атина сака да ја постигне со името на државата поради Англискиот јазик, а тоа е – НАЦИОНАЛНОСТА! Односно, со новото име на државата, Атина врши демонтажа на Македонија од етнологија за нас, во географија за нив и за светот во целина. “Националност“ за западната цивилизација значи “државјанство“, а за нас етничко потекло. По меѓународно право националноста по автоматизам произлегува од името на државата. Аналогно, промената на името на државата по автоматизам значи трајна промена на идентитетот на нацијата! Да, се вели, едно е “националност“ а друго е “етнитет“ (етничко потекло). Меѓутоа недвосмислено етнитетот е инкорпориран во државјанството, бидејќи мнозинскиот етнос е носител на државноста! Затоа во државите како нации зборуваме и за права национални малцинства.
Кога ќе сретнете белец или црнец пред вас, нема да знаете кое е неговото етничко потекло, дури и не ве интересира, туку која е неговата националност односно државјанство, се’ додека тоа не го проверете од неговиот пасош. Од името на државата на пасошот по автоматизам ја определувате националноста на човекот. Црнецот може да биде Американец, Французин, Русин или Нигериец.
Значи, не е во прашање преводот на новото државно име, туку националноста која произлегува по автоматизам од композитното сложено име составено од два збора!
Не е глуп ниту премиерот на Грција Алексис Ципрас кога вели “Со Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година ние не признавме етнитет Македонци, тие за цел свет ќе бидат граѓани на Северна Македонија“. Брзо брзо видовме дека не сме ни тоа, туку “North-Macedonian“ откога на европските спортски натпревари покрај името на нашите спортисти, осамна акронимот “North-Macedonian“. Впрочем, поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Пандора Бакојани своевремно беше недвосмислена “Ние за Македонија еднаш веќе напишавме историја, немаме намера повторно да и’ вршиме ревизија!“ И министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, исто така, не случајно вели “Ние со Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година не признавме македонски етнитет и македонски јазик, тоа во договорот го нема!“ Изјавата на Никола Димитров дека “Интердисциплинарниот комитет меѓу Македонија и Грција за ревизија на историјата ќе работи реципроцитетно“ е идиотска, затоа што Атина нема намера да врши ревизија на грчката историја! Изјавата на Димитров е само за времена внатрешна употреба!
Е, тука доаѓаме до одговорот на прашањето – Зошто воопшто е одбрано името “North Macedonia“, а не “Northern Macedonia“ за име на нашата држава? Не случајно! Не’ претвораат во чиста географија, имајќи предвид дека во 2014 година, за статистички потреби на Европската Унија, провинцијата Македонија (Егejскиот дел на Македонија), Грцијаја подели на три региона “Западна Македонија“ или “Western Macedonia“, “Централна Македонија“ или “Central Macedonia“ и “Источна Македонија“ или “Еаstern Macedonia“. Нам не случајно ни ја прилепија етикетата “Северна Македонија“ односно “North Macedonia“ наместо “Northern Macedonia“!
На прашањето зошто, одговорот е многу едноставен. Именувањето на државата е поради изведувањето на националноста од името на државата. Имено, со име на државата “Republic of North Macedonia“, ние треба да бидеме и да останеме “North-Macedonian“ или “Северномакедонци“ како еден збор, тоа што Атина цело време го сакаше – композитно име составено од два збора запишани во едно. Eтнитетот “Македонци“ односно “Macedonians“ Грција ексклузивно го задржува само за себе! Затоа и во Спогодбата има одредба со толкување што треба ние да мислиме за ентитетот Македонци, за себе, а што за него мислат Грците и Атина. Тоа Грција го бараше цело време: Нашата етнологија да се трансформира во географија, бидејќи ниту за Софија ниту за Атина не постои македонска нација.
Бидејќи “North“ е именка и значи “Север“ а и “Macedonia“ е именка и значи “Македонија“, а името на државата е композитното (сложено) име е “North Macedonia“, националноста од композитното (сложено) име “North Macedonia“ по автоматизам ќе биде “North-Macedonian“, односно “Северномакедонец“.
За разлика од именката “North“, “Northern“ во Англискиот јазик е придавка и значи “Северен“. Доколку името на државата е “Northern Macedonia“, националноста треба да биде “Northern Macedonian“. Очекувано е да остане само “Macedonian“, а “Northern“ да исчезне, затоа што во Англискиот јазик “Macedonia“ е именка, а “Northern“ засекогаш ќе остане тоа што e – ПРИДАВКА!
Во англиското јазично подрачје за име на државата “North Macedonia“ националноста секогаш ќе биде “North-Macedonian“ односно “Северномакедонец“, додека за име на државата “Northern Macedonia“ националноста секогаш ќе биде “Northern Macedonian“ односно “Северни Македонци“, или за сите ќе ОСТАНЕМЕ само “Macedonians“ односно “Македонци“.
Оваа јазична еквилибристика поради Англискиот јазик, Атина ја искористила многу перфидно за демонтажа на етнонимот “Macedonian“ во ентитетот “North-Macedonian“, односно на етнонимот “Северен Македонец“ во ентитетот “Северно-Македонец“ или “Северномакедонец“. Грција успеала да наметне композитно име составено од два збора кој може да се чита во едно! Како што за нас Македонците, лице од Нов Зеланд ќе биде “Новозеланѓанец“ а не “Нов Зеланѓанец“.
Спогодбата за името наједноставно речено е зини земјо голтни ме! Затоа треба да замине во историјата, со се нејзините потписници во Идризово. За ука и за навек! Други да не ни дојдат со нови данајски дарови на Атина…