ОДБЕЛЕЖАН 10 АВГУСТ – СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА СЕМАКЕДОНСКО ПОМИРУВАЊЕ И ОБЕДИНУВАЊЕ!

7 август 2017 година, Скопје, Македонија – Светскиот Македонски Конгрес викендов, во дворот на црквата “Свети Спас“ до Калето, го добележа 10 Август – Светскиот Ден за семакедонско помирување и обединување.

Со благослов на Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, свештеници на Скопската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија одржаа панихида за сите упокоени знајни и незнајни јунаци и борци за слободата и обединувањето на Македонија.

Делегации на Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН положија свежо цвеќе на гробот на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.

Историски час за Светскиот Ден за семакедонското помирувње и обединување одржа претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

 


 

ТОДОР ПЕТРОВ: 10 АВГУСТ – СВЕДОШТВО ЗА ПОМЕН И СПОМЕН НА МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА ДО СЛОБОДАТА!

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, се собравме денес во дворот на македонската црква “Свети Спас“, до Калето, пред гробот на великанот на македонското револуционерно движење од дваесеттиот век Гоце Делчев, за да го одбележиме 10 август – Светскиот ден на семакедонското помирување и обединување. Сведочиме за историјата со пораки за иднината: Повикуваме на единство заради одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата, затоа што Македонија е нашиот единствен заеднички именител, нашиот единствен заеднички содржател. Им благодариме на Македонската Православна Црква и нејзиниот поглавар Неговото Блаженство господин господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, на свештениците од Скопската Епархија за одржаната панихида за помен и спомен на сите знајни и незнајни јунаци и борци за слободата и државноста на Македонија.

Ве молам, со едноминутно молчење да им оддадеме почит на сите ним, на сите знајни и незнајни јунаци и борци за слободата и државноста на Македонија од сите буни, востанија и војни за Македонија, за загинатите припадници на Југословенската Народна Армија од Македонија кои загинаа во Словенија и Хрватска при распаѓањето на поранешна СФР Југославија во 1990 година, за загинатите припадници на Вооружените сили на Македонија кои загинаа во војната 2001 година и во антитерористичката акција во Куманово на 9 мај 2015 година. Слава им…

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, со руско-турскиот мировен договор од 3 март 1878 година во Сан Стефано во близината на Цариград, со Берлинскиот Конгрес од 13 јуни до 13 јули 1878 година, со Лондонската Мировна конференција во 1913 година, со Букурешкиот договор од 28 јули до 10 август 1913 година, со Париската мировна конференција од 1919 година во Версај на која се потврдија одлуките од Букурешкиот договор што се однесуваа за Македонија (иако Струмица и струмичко и’ се одзедоа на Бугарија и и’ се придодадоа на Србија, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците со цел да се задоволат српскиот премиер Пашиќ и грчкиот премиер Венизелос чии држави беа сојузници на победничките сили на Антантата во Првата Светска Војна), со Нејската Конвенција за заемно преселување на населението склучена помеѓу Бугарија и Грција од 27 ноември 1919 година, и со Лозанската Конвенција за заемно преселување на населението склучена помеѓу Турција и Грција од 30 јануари 1923 година, разбиена е гео-политичката, етничката и економската целина на еден од најстарите народи во Европа и во светот – Македонскиот народ, поделена и окупирана беше Македонија!

Со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, започнува страшен геноцид врз Македонците во сите окупирани делови од Македонија, тој се’ уште трае до денес…

Почитувани браќа и сестри, и после сто и четири години од Букурешкиот договор останаа истите интереси и истите актери, истите извршители, и после 104 години ништо не е променето. Го одржуваме колективното сеќавање за да не ни се повтори историјата. Живееме во мир како сто години нема да има војна, а мораме да се спремаме како утре ќе ја биде. Годинава навршуваат 103 години од почетокот на Првата Светска Војна во 1914 година и 68 години од крајот на Граѓанската војна во Грција во 1949 година. И Балканските војни и Првата Светска Војна за нас Македонците се окупаторски. Земјите учеснички во нив – Бугарија, Грција и Србија – извршија окупација врз Македонија и геноцид Врз македонскиот народ кој се’ уште трае.

На 1 август годинава 2017, владата на Зоран Заев потпиша договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кој претставува велепредавство на државата и нацијата. Местово и денот се повод да се присетиме на причините на софискиот неоромантизам кон Македонија и Македонците.

Во 1877 година избувнува војна меѓу Руското Царство и Отоманската Империја. Таа војна трае две години 1877-1878 година и завршува со Мировен договор. На 3 март 1878 година во истанбулското село Сан Стефано, бил потпишан Мировен договор. Овој договор никогаш не се реализирал, а траел само три месеци од неговото потпишување, од 3 март до 13 јуни 1878 година! Со Санстефанскиот мировен договор биле договорени нови граници на Балканот, имено Бугарија ја добила цела Македонија, Одринска Тракија, делови од денешна Србија (Пирот, Врање) и Албанија (Корча) … Денес, тој романтизам, за една историја која и тогаш била само фикција, Бугарите го одбележуваат секоја година. 3 март е прогласен за Бугарски национален празник, како носталгија за пропуштената шанса Македонија да биде дел од Бугарија. Ете затоа за Софија, Македонија е вечна неизживеана бугарска романса …

Незадоволни од новите граници по Руско-Османлиската војна и од содржината на Санстефанскиот мировен договор, а под закана со нова војна, Австро-Унгарија, Британија и Франција свикуваат нова меѓународна конференција, од 13 јуни до 13 јули 1878 година, позната како Берлински Конгрес, одржан во Берлин, под претседателство на германскиот канцелар Ото фон Бизмарк. Руското Царство и Отоманската Империја, исцрпени од претходната меѓусебна војна, го прифатиле неговото одржување. Конгресот извршил ревизија на Санстефанскиот мировен договор со цел да се спречи руското влијание на Балканот, особено излезот на Русија преку Бугарија на Егејското море до Солун и Кавала.

Претходно, Русија и Британија на 30 мај 1878 година склучиле Руско-Британски договор, со кој територијата на Бугарија е намалена за трипати од предвидената во Санстефанскиот мировен договор: Било решено Бугарија да се простира на територијата која се наоѓа само северно од Стара Планина.

Со Берлинскиот договор: (1) Македонија и Одринска Тракија биле вратени во владение на Отоманската Империја, (2) Источна Румелија потпаднала под отоманска власт со статус автономна област, (3) Србија, Црна Гора и Романија добиле независност, (4) Бугарија добила статус на вазално кнежевство во рамките на Отоманската Империја, (5) Кипар и’ бил даден на Велика Британија, и (6) Босна и Херцеговина и’ била дадена на Австро-Унгарија …

Берлинскиот конгрес ревидирал, односно избришал 18 од 29 члена на Санстефанскиот мировен договор.

За жал, незадоволните страни, со време, испровоцирале нови тензии, коишто подоцна кулминирале со Балканските војни 1912-1913 година и Првата Светска Војна 1914-1918 година …

Со членот 23 од Берлинскиот договор, Македонија требало да добие свој статут, односно устав, што значи да добие посебен државно-правен статус како оној на Крит, во рамките на Отоманската Империја, со свој гувернер и главен командант, кому била доверена командата на војската во Македонија. Со членот 23 од Берлинскиот договор, Македонија де факто се конституира како автономна област во своите политички и етнички граници во рамките на Отоманската Империја …

Иако Санстефанскиот мировен договор “живеел“ само три месеци на хартија, без практична реализација, тој во Бугарија создал фикција за Голема Бугарија, која иако никогаш не се реализирала, сепак, подоцна била и денес е главен поттикнувач за големобугарските хегемонистички амбиции и нестабилност на Балканот…

Откако било осуетено дека Високата Порта во Цариград ќе обзнани автономија на Македонија, како обврска од членот 23 на Берлинскиот договор, Бугарија, Србија и Грција ја започнуваат Првата Балканска Војна во 1912 година против Отоманската Империја за наводно “ослободување“ на Македонија. Откако ја “ослободиле“, веќе наредната 1913 година, Бугарија, Србија и Грција ја започнуваат Втората Балканска Војна меѓу себе, со вистинската намера, којашто завршува со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година: Поделба на Македонија меѓу Бугарија, Србија и Грција, односно окупација врз Македонија и геноцид врз Македонскиот народ кој се’ уште трае до денес…

Иако 3 март е Бугарски национален празник, тој директно атакува врз државноста на Македонија, бидејќи со него Софија прокламира територијални претензии кон Македонија…

И Договорот за добрососедството, пријателството и соработката меѓу Република Бугарија и Република Македонија, што ќе го склучат Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август 2017 година во Скопје, ќе ја доживее судбината на Санстефанскиот мировен договор.

Покрај Декларацијата за пријателство и соработка склучена на 22 февруари 1999 година меѓу Љубчо Георгиевски и Иван Костов, на Бугарија и’ беше потребен Договор, за да ги санкционира историските санстефански аспирации кон Македонија и Македонскиот народ со заканата, дека ќе вложи вето на поканата до Македонија за членство во НАТО и за отпочнување на пристапните разговори за членство во Европската Унија, доколку Македонија не прифати дека со Бугарија има заедничка историја, како вовед дека Македонците се дел од бугарската нација и почеток на крајот на разговорите за промена на името на државата Македонија со Владата во Атина, со цел демонтажа на македонската нација од етнологија во чиста географија…

Затоа… Се’ додека за Софија Македонците се Бугари, Македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот јазик, а Македонија е дел од Бугарија, Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија ќе биде велепредавство за Македонскиот народ и државата Македонија!

За жал, уште еднаш, Македонија не пати од дефицит на демократија, туку од суфицит на врховизам. А, врховистите се колаборационисти, биле, се и секогаш ќе бидат! Врховизмот не е етничко, туку геополитичко прашање! Врховизмот е сервилност на определена номенклатура која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, мандат за власт во Македонија бара од некоја друга и туѓа метропола. Во дваесеттиот век тоа биле Белград, Софија и Атина, во дваесетипрвиот век тоа се Брисел, Стразбур и Вашингтон.

Во 1893 година Македонците во Солун формираат Македонска револуционерна организација позната како ВМРО за ослободување и суверена и самостојна држава Македонија, со паролата Македонија на Македонците, се конституира Централен Комитет на организацијата. 1895 година под менторство на Бугарскиот Цар, во Софија се формира Врховен Комитет на организацијата кои декларирале Маекдонија во рамките на Бугарија со Македонците како Бугари. И започнува децениската братоубиствена борба.

Поради предавството на лидерството, производ на врховизмот се анархистите во Македонија. Меѓу нив и велешките гемиџии кои самостојно определувале акции за да го свртат вниманието на светската јавност и големите сили за Македонска држава, за Македонија на Македонците! На 28 април 1903 година го запалиле францускиот параброд Гвадалкивир укотвен во пристаништето на Солун, го оштетиле со експлозив возот кој сообраќал на линијата Цариград-Солун. На 29 април 1903 година ја дигнале во воздух Отоманската банка во Солун, а го разнеле и гасоводот кој бил за осветлување, па градот останал во темнина.

Македонија мора да го надмине врховизмот, тоа историско зло што ни останало во наследство …

Со нашето присуство, со позитивна мисла и љубов за Македонија и Македонците, верувам ја прочистивме аурата на ова светилиште од прокобите на одродниците и злонамерниците кои го осквернавија гробот на Гоце Делчев и храмов Свети Спас на 2 август, на денот Илинден, на Денот на државноста на Македонија и најголемиот национален празник на Македонскиот народ, импутирајќи ни заедничка бугарска историја, свет без Македонци и Макаедонски јазик кој бил дијалект на бугарскиот…

И покрај се’, и за нас мора да важи правилото дека Македонија нема вечни пријатели, Македонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси!

И после се’, Македонија мора да ја сочуваме како суверена држава и одржлива демократија, а Македонците како суверена и посветена нација. Таа вистина и историја повеќе никој и никогаш не смее да ја смени! Неоврховистите и колаборационистите ќе зборат се’ и за секого од нас, секогаш и насекаде. Но, народот вели, караванот врви, кучињата си лајат, секој по своето и секој со своето. Со сите маани, ние знаеме што сакаме, ние знаеме кои сме, на ист јазик мислиме и говориме: Нашата држава е Македонија, ние сме Македонци, на Македонскиот јазик говориме! Така било и така ќе остане. Бидете и останете горди и достојни Македонци, и нека Господ Бог не благослови сите нас и Македонија! Од векови за навек! Македонија вечна од исконот до бескрајот и Сите Македонци еден за друг! Амин!

 

By | 2017-08-08T01:14:35+10:00 August 8th, 2017|News by Todor Petrov|Comments Off on ОДБЕЛЕЖАН 10 АВГУСТ – СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА СЕМАКЕДОНСКО ПОМИРУВАЊЕ И ОБЕДИНУВАЊЕ!