Денес во Уставниот суд на Македонија се одржа седница со единствена точка на дневен ред, разгледување на иницијативите за поништување на Одлуката за распишување на референдум, поднесени од Светскиот Македонски Конгрес и Левица, со барање за времена мерка до одлучување.
Судијата известител Елена Гошева предложи поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување референдум со времена мерка до одлучување.
За жал, Судот со мнозинство гласови, ги отфрли иницијативите на подносителите и предлогот на судијата известител Елена Гошева, со што потврди дека Одлуката за распишување на референдум е во согласност со Уставот и законот, односно референдумот ќе се одржи. Против оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување референдум гласаа уставните судии д-р Дарко Костадиновски, д-р Осман Кадриу, Насер Ајдири, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, Владимир Стојановски и Никола Ивановски. За оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум со времена мерка гласаа само судијата известител Елена Гошева и уставниот судија Јован Јосифовски.
Веднаш по седницата на Уставниот суд, изјава за медиумите даде претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.
– Охрабруваше предлогот на судијата известител Елена Гошева за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум со времена мерка до одлучување, но очигледен беше притисокот врз уставните судии. Одлуката на Уставниот суд за нас е неприфатлива. Судиите во расправата беа контрадикторни. Имено отфрлија расправа за Договорот со Грција бидејќи не е предмет на разгледување, но заклучија дека со референдумското прашање не се гласа за Европската Унија и НАТО, туку за Договорот со Грција со којшто се врши промена на името на државата и истовремено се суспендира референдумот од 8 септември 1991 година. На 8 септември 1991 година народот во апсолутнпо мнозинство гласаше “За суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, одлуката на референдумот е задолжителна! Судот, за жал, сметаше дека Европската Унија не е ни сојуз на држави заради што не подлежи на процедурата по членот 120 од Уставот, туку тоа е надлежност на Собранието. Демек Владата изразила добра волја да го консултира мислењето на народот.
Сметаме дека одлуката на Судот ќе ја зацврсти волјата на народот за бојкот на референдумот и масовна неизлезеност на 30 септември. Затоа, продолжуваме: БОЈКОТИРАМ ЗНАЧИ НЕ ГЛАСАМ!
На 30 септември во 19 часот пред Собранието народот масовно ќе ја прослави одбраната на името на државата и идентитетот на нацијата, – изјави претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, веднаш по завршувањето на седницата на Уставниот суд на Македонија.