ДА НЕ БИДЕ ДВОЈАЗИЧНОТО НЕРАЗБРАНО!

Пишува Тодор ПЕТРОВ

30 јуни 2017 година

ДУИ, ДПА, Алијанса за Албанците и БЕСА со таканаречената “тиранска платформа“ од 29 декември 2016 година, недвосмислено побараа членот 7 од Уставот да се измени и да гласи: “На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службени јазици се македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик и неговото латинично писмо.“

Барањето на ДУИ, ДПА, Алијанса за Албанците и БЕСА за двојазичност, не значи право на говор на мајчин јазик! Албанците тоа право го имаат!

Барањето на ДУИ, ДПА, Алијанса за Албанците и БЕСА значи целата државна и локална администрација, на целата територија на државата, на сите граѓани, задолжително, целата документација да им ја издава на македонски јазик и албански јазик истовремено, односно сите постапки пред државната и локалната администрација да се водат на македонски јазик и албански јазик истовремено, независно дали тоа барателот или странката во постапката го бара или не го бара!

Горното, колку да биде разбрано што значи двојазичноста! Правото на говор на мајчин јазик во судски и управни постапки, правото на информирање на мајчин јазик, правото на вероисповед на мајчин јазик, правото на говор во Собранието на албански јазик, правото на лична карта и пасош со името на мајчин јазик, НЕ ЗНАЧИ ДВОЈАЗИЧНОСТ!

Бидејќи засега невозможна е измена на Уставот, имено потребно е дво-третинско мнозинство за измена на Уставоткое Владата без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го нема, парламентарното мнозинство ќе се обиде Законот за двојазичноста да се донесе, макар и спротивно на Уставот, а незадоволните да ги упати на оценка на уставноста на Законот за двојазичноста пред Уставниот суд на Македонија!

А, колку во Уставниот суд се штити уставноста, е веќе проверена и видена практика…

Отпосле, макар Уставниот суд и да оцени заонско решение за неуставно, протестите секогаш се: Бараме заштита на веќе стекнати права! Не е важно како се стекнати и кој кому во каква постапка што дал.

ДУИ, ДПА, Алијанса за Албанците и БЕСА преку двојазичноста, сакаат да го остварат барањето дека и Албанците се државотворен народ во Македонија, како и Македонците. Со што директно се дерогира унитарноста на државноста! Сметавме дека со тоа Албанците како народ во Македонија ќе посегнат по правото на самоопределување до отцепување, што секако секогаш ќе биде отворена опција, доколку се оствари двојазичноста и државотворноста. Но, денес, албанските поглаварства “немаат“ амбиции за сепарација на дел од територијата на Македонија, туку за “окупација“ на целата територија на Македонија, којашто преку централната власт ја владеат!

Тоа, со ултимативните барања за формирање на Влада, албанските поглаварства веќе го демонстрираа. За жал, Македонците, во амбициите за власт, кој да седне во владината коалиција, безрезервно лицитираат со националните и државните интереси без мерка и без крај!

Политичкиот дуализам кај Македонците којшто се манифестира во врховизам и колаборационизам и албанскиот радикализам во прогресија се погубна комбинација за државноста на Македонија. И таа практика мора да се смени!

Има едно правило, колку и да сте силни и големи, ако прејдете во дефанзива, губите, а колку и да сте слаби и мали, ако прејдете во офанзива, победувате!

Па, Македонци, размислете!

By | 2017-08-01T02:05:41+10:00 June 30th, 2017|Latest News|Comments Off on ДА НЕ БИДЕ ДВОЈАЗИЧНОТО НЕРАЗБРАНО!