АТИНА ДОЛЖИ ИЗВИНУВАЊЕ И РЕПАРАЦИИ ЗА НАСИЛНО ПРОГОНЕТИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ОКУПИРАНИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА!

20 јуни 2017 година, Скопје, Македонија – Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Матицата на иселениците од Македонија, Сојузот на Македонците со исламска религија, Светскиот Македонски Младински Конгрес и Светскиот Македонски Конгрес, по повод светскиот Ден на бегалците, од Владата во Атина повторно бараат укинување на дискриминаторските грчки закони од 1982 и 1985 година со коишто се забранува враќање назад во своите домови и враќање на одземениот имот на насилно прогонетите Македонци од окупираниот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, освен за “Грците по род“.

Протестираме за геноцидната политика на Атина кон насилно прогонетите Македонци од окупираниот дел на Македонија од Балканските војни до денес.

И натаму бараме права и слободи за Македонците во земјите каде што живееме, бараме право на собир, здружување, образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик во Грција, Бугарија, Србија и Албанија, бараме извинување и репарации за окупацијата и геноцидот, бараме враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија и нивните потомци од Балканските војни до денес, бараме слобода во движењето, влез во Грција за посета на домовите, роднините и семејните гробници, бараме итен и безусловен крај на разговорите за промена на државното име Македонија и продолжување на членството во Обединетите нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија! Го реафирмираме неотуѓивото право на самоидентификација и самоопределување на Македонскиот народ!

И покрај сите историски хипотеки, подаваме рака за историско македонско-грчко помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Грција. За окупацијата и геноцидот простуваме, ама не забораваме, било да не се повтори!

Бараме во Обединетите Нации повторно да се отвори прашањето за насилно прогонетите Македонци од Балканските војни и Граѓанската војна во Грција со Резолуција за враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на Генералното Собрание. Атина мора да ги исполни обврските од Букурешкиот договор за Македонците во Грција, затоа што Македонците во Грција не се странци, а со победата над фашизмот во Втората Светска Војна, Македонците, заедно со Грците се вградија во темелите на државноста на Грција, и бараат тоа што им припаѓа: слободи, права и правда, бараат културна автономија!

Бараме продолжување со работа на Координативното тело за егејското прашање при Министерството за надворешни работи на Македонија и државна помош во враќањето на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија.

By | 2017-08-01T02:15:12+10:00 June 20th, 2017|Latest News, News by Todor Petrov|Comments Off on АТИНА ДОЛЖИ ИЗВИНУВАЊЕ И РЕПАРАЦИИ ЗА НАСИЛНО ПРОГОНЕТИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ОКУПИРАНИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА!