69 ГОДИНИ ОД ПРОГОНСТВОТО НА ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА 1946-1949 ГОДИНА

20 јули 2017 година, Скопје, Македонија – Вчера на 19 јули во организација на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, на денот на големиот подвижник, Преподобниот Свети Сисое Велики, заштитник на децата, се одржа традиционално полагање цвеќе на Споменикот на децата бегалци во Паркот Жена Борец во Скопје, карши Собранието на Македонија, за помен и спомен на 69 години од прогонството на децата Македонци од Егејскиот дел на Македонија, жртви во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Ташко Јованов и
Тодор Петров

Присутните ги поздрави претседателот на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН Ташко Јованов, кој рече: “Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, споменот и поменот за голготата на насилно прогонетите Македонци од Егејот е наш аманет и секоја година ќе го одржуваме ова чествување, и за живите и за упокоените. Не ги забораваме патилата низ кои поминавме, живи се нашите потомци, традицијата ќе ја продолжиме, било да не се повтори… Сите ние бевме деца кога не откорнаа од родните огништа и не протераа по целиот свет, во туѓина. Но, нашиот копнеж по татковината, се уште тлее во нашите срца, нашите души се врзани за мајка Македонија.“

Поздравен говор пред присутните одржа и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.

– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, ги продолжуваме традициите за поменот и споменот за децата бегалци, пред чиј споменик се наоѓаме денес во Паркот на Жена Борец, пред Собранието на Македонија, за да посведочиме за една од најголемите трагедии на Македонскиот народ – геноцидот и прогонството на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на таканаречената Граѓанска војна во Грција од 1946 до 1949 година. Нашето чествување е сведоштво за најцрната страница во историјата на македонскиот народ од Втората Светска Војна, во која жртви, за жал, беа децата. Многу од нив убиени, по пат починати, низ целиот свет распрснати, во Источна Европа, Канада, Америка и Австралија.

Не случајно го одбравме 19 јули за чествување, како ден на големиот подвижник, Преподобниот Свети Сисое Велики, исцелител на болните, изгонувач на демоните, воскреснувач на мртвите и заштитник на децата, за да сите кои загинаа во таа македонска голгота, Светецот Сисое Велики ги спомне пред Господа, во вечното им почивалиште. Се молиме за душите на загинатите и упокоените, за здравје на преживеаните и живите, кои поминаа низ таа голгота.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, остануваме посветени на унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција. Остануваме посветени на враќањето на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија: И од Балканските војни 1912-1913 година и од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Остануваме со барањето до Генералното собрание на Обединетите Нации да ја продолжи почнатата а незавршена расправа од 1948 година и да донесе Резолуција за децата бегалци од Граѓанската војна во Грција. Изразуваме јавна благодарност до владите на сите земји кои ги прифатија децата бегалци од Граѓанската војна во Грција и им укажаа гостопримство како нивен втор дом и семејство. И покрај се’, предлагаме македонско-грчко помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Грција, но врз принципот на еднаква сувереност, што подразбира заемно почитување и соработка по сите прашања од заеднички интерес, на реципроцитетна основа и со немешање во внатрешните работи. Бараме извинување и репарации.

Простуваме, но не забораваме и порачуваме: Било да не се повтори! Во 2015 година, по иницијатива на Ташко Јованов, Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, Споменикот на децата бегалци во Жена парк беше реновиран и исчистен, а на него беше поставена мермерна спомен плоча на македонски и англиски јазик, да се прочита за значењето на овој Споменик: “28.000 деца, најмногу Македонци, од Егејскиот дел на Македонија, насилно беа прогонети за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Plaque Donated by- World Macedonian Congress

 

Свежо цвеќе на Споменикот на децата бегалци во парк Жена Борец положија повеќе здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија: Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН; Зружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија; Светскиот Македонски Конгрес; Матицата на иселениците од Македонија; Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Свети Герман“ од Скопје; и Здружението на граѓани “Леонида“ од Гевгелија.

By | 2017-08-01T02:00:54+10:00 July 20th, 2017|Latest News|0 Comments